Што може да научите за љубезноста од најмалите?

13 Ноември е Светскиот ден на љубезноста, затоа одлучив да ги предизвикам моите ученици и побарав да прават мали, едноставни љубезни дела 20 дена во ноември. Откако им го соопштив ова, тие станаа навистина возбудени и мотивирани, иако предизвиците беа многу едноставни и не вклучуваа никаков физички напор.

Иако сум наставник по англиски јазик и поминувам по еден час на ден со овие дечиња, лично мислам дека мојата улога не е само да ги научам англиски, туку и да посветам малку време за работи кои се едноставни, но многу важни во животот. Тие се уште се развиваат и почнуваат да ги создаваат нивните сопствени личности, па така мислам дека е многу важно да се земат во предвид нивните мислења и да сфатат дека тоа што тие го мислат е важно за другите луѓе околу нив, особено за нивните родители.

Предизвиците кои ги направивме беа прилично лесни, како ‘насмеј некого денеска’ или ‘прашај некого како го поминал денот’. Тие го сфатија предизвикот навистина сериозно, но што всушност ме импресионира најмногу беа нивните мислења кои ги споделија на оваа тема. Подолу, споделив дел од нашите дискусии и мислам дека и вие ке бидете импресионирани исто така.

Што за нив значи љубезност?

Кога прв пат ја дадов темата и ги прашав што мислат за тоа, ова е што рекоа:

“Љубезност значи да не навредуваш никого, бидејќи тој ќе се чувствува лошо со денови и некогаш лошите зборови болат повеќе од се друго” – Антонија Петковска

“Љубезност значи да се прават добри дела и да се помага на другите луѓе секогаш кога си во можност”– Гала Чугунцалиев

“Љубезност значи да се насмевнуваме дури и на непознати луѓе, за да ги направиме среќни” – Уна Трајковска

“Дури кога некој не е љубезен со нас, ние не треба да го направиме истото, бидејќи ние не сме такви“ – Дорис Чугунцалиев

“Љубезност значи да се покаже почит кон возрасните” – Алек Јакимовски

Како тие се почуствувале кога ги направиле предизвиците?

“Кога ја прашав мајка ми како поминал нејзиниот ден, таа беше изненадена бидејќи не го правам тоа често, но можев да видам насмевка на нејзиното лице и тоа ме направи среќен” – Петар Симоновиќ

“И се заблагодарив на мајка ми за се што прави за мене секој ден – ја направив среќна, а јас се чувствував исполнет” – Андреј Велковски

“Видов постар човек на улица кој имаше потешкотии во движењето и му понудив помош бидејќи кога помагаме на другите, ние се чуствуваме подобро исто така” – Михаил Стојановски

Што прават ‘добрите дела’?

“Помагањето на други луѓе не прави да се чувствуваме моќни и важни за светот” – Марко Петровиќ

“Добрите дела инспирираат другите да го направат истото” – Антонија Петковска

“Ми овозможува да ги искажам моите вистински чувства кон луѓето” – Ена Давидовска

Завршни мисли

Кога прв пат почнав да зборувам со нив, бев изненадена, трогната и горда во исто време. Ова беше како ‘повик за будење’ да ме потсети дека овие мали човечиња имаат толку многу да кажат, а се што ке кажат е чисто и искрено. Мислам дека во овој “збудален” свет, забораваме дека децата се понекогаш многу попаметни од нас. Факт е дека треба да ги сослушуваме повеќе.

Напишано од
Сара Мушановиќ
Наставник по англиски јазик