Предучилишна возраст: Когнитивни и социјални придобивки од изучување на јазици во раното детство

Никогаш не е премногу рано да се започне изучување на јазик: забавно е, поттикнува здрав развој и уште многу когнитивни и социјални придобивки кои траат цел живот. Ова се неколку причини зошто изучувањето на јазик го става вашето дете во значајна предност, и како вие може да помогнете – без разлика дали познавате друг јазик или не.

Предност уште од самиот почеток
Децата кои изучуваат друг јазик пред 5-годишна возраст, го користат истиот дел од мозокот кој им служи за да го научат нивниот мајчин јазик. Помладите ученици не се запознаени со стравот од правење грешки, кој што понекогаш е пречка кај повозрасните почетници.

Започни порано, продолжи подолго!
Должината на времето што ученикот може да го посвети на учење јазик има директна и позитивна корелација со когнитивниот развој. Подолгите курсеви, исто така, даваат можност учениците да растат заедно со дополнителниот јазик и култура, развивајќи подлабока поврзаност како што созреваат.

Храна за мозокот
Истражувањата покажуваат дека учењето на втор јазик ги зајакнува вештините за решавање проблеми, критичко размислување и слушање, како и подобрување на меморијата, концентрацијата и можноста за мултитаскинг. Децата кои се вешти со други јазици, исто така, покажуваат знаци на зголемена креативност и ментална флексибилност.

Го зголемува академското достигнување
Когнитивните придобивки од изучувањето јазик имаат директно влијание врз академското достигнување на детето. Споредено со оние без дополнителен јазик, двојазичните деца имаат подобри вештини за читање, пишување и математика и, генерално, тие добиваат повисоки резултати на стандардизираните тестови.

Негување на љубопитноста, културната чувствителност, емпатија и толеранција
Децата кои се изложени рано на други јазици, покажуваат повеќе позитивни ставови кон културите поврзани со тие јазици. Искуството со изучување на јазик ги запознава со светот на начини на кои инаку не би го искусиле.

Што може да направите за да му помогнете на вашето дете?
Без разлика дали сте двојазични или ова е вашето прво искуство со друг јазик, вашата поддршка ќе направи огромна разлика во успехот на вашето дете. Не мора да зборувате течно на јазикот што го учи вашето дете за да создадете охрабрувачка и активна средина за учење. Обезбедете што повеќе можности за автентични искуства и проверете ги многуте онлајн алатки и ресурси кои ви се достапни.